Велика Британија ќе обезбеди уште 1,6 милијарди долари воена поддршка и помош за Украина, објави Ројтерс.



Британскиот премиер Борис Џонсон е еден од најсилните поддржувачи на напорите на Украина да се спротивстави на руските сили откако рускиот претседател Владимир Путин ја започна воената инвазија на 24 февруари.

Британската влада испрати во Украина противтенковски ракети, системи за противвоздушна одбрана и друго оружје, потсетува агенцијата.

Новото ветување речиси ги удвојува претходните обврски на Велика Британија за трошење за Украина, а владата рече дека тоа е највисоката стапка на трошоци за конфликтот од војните во Ирак и Авганистан, иако не даде детали.

Лондон соопшти дека дополнителните трошоци за Украина ќе бидат обезбедени од резервата што ја користи владата за итни случаи.

Владата, исто така, рече дека Џонсон ќе биде домаќин на состанок на водечките одбранбени компании подоцна овој месец, на кој ќе се разговара за зголемување на производството како одговор на зголемената побарувачка создадена од војната во Украина.