Да се замрзнат цените на основните прехранбени производи, и мерки веднаш, зашто народот не смее да го понесе најтешкиот товар од инфлацијата, бара Организацијата на потрошувачи, откако цените се вивнаа до небо. Велат, постојано пристигнуваат поплаки од граѓаните дека нема ден, а да нема ново поскапување на храната. Според Маријана Лончар Велкова, Комисијата за заштита на конкуренција треба да реагира за да види дали има здружување на трговците по толкавото, како што истакна, „плафонирање“ на цените производите.

- – „Знаеме дека замрзнувањето на цените е популистичка мерка и дека имаме пазарна економија, но во вакви ситуации не треба да се чека, треба да се излезе со точна проценка и да се преземат мерки зашто се оди на товар и на штета на потрошувачот. За основните намирници мислам дека не треба ни да се зборува. Поради високите цени, многу граѓани купуваат производи со помал квалитет или со помала нутритивна вредност, а пристапот до основните прехранбени производи е елементарно човеково право. Потрошувачот мора да има пристап до основните потрошувачки добра, особено храната – млеко, сирење, путер,“ нагласи Лончар Велкова.
Лончар Велкова додава дека се потребни подобро осмислени владини мерки за ограничување на цените, за сите да може да се прехранат. И додека надлежните допрва ќе анализирале дали треба или не, да се воведат мерки, прехрамбените и млечните производи поскапеа преку ноќ, а цените на овошјето и зеленчукот остануваат високи.

Претходно, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи потврди дека кај дел од големите трговци ланци е забележано нефер однесување. Тој не сакаше да соопшти за кого станува збор но, како и министерот економија, Бектеши, најави санкции за сите. Од септември и еден куп производи ќе добијат повисоко ДДВ, и од сегашните 5% ќе се зголеми на 10 отсто.





