Снимателот Самир Љума од македонскиот документарец „Медена земја“ со две номинации за Оскар се јави на Фејсбук од државниот карантин во хотелот „Десарет“ во Пештани.



„По вчерашното патешествие сакам да ви кажам дека имам пријатели и од многу поразвиени земји кои се во карантин во многу полоши услови од нашите, па не се бунат. Индивидуалци кои сè уште не разбираат дека се работи за реален проблем со кој се соочуваме и се однесуваат неодговорно, не само што го загрозуваат сопственото здравје и здравјето на сите околу нив, туку ги спречуваат и службите да ја вршат работата поодговорно. Шоферот од мојот автобус, најверојатно поучен од претходните патници дека за ‘мир во куќа’ дозволил да се пуши, го направил тоа за да можат да издржат луѓето 6 часа од слегување од авион до карантин.

Неизвесноста и нетранспарентноста за тоа каде ќе нè сместат е исто така резултат на сите оние кои досега бегаат од карантин. Само што влеговме во дворот на ‘Десарет’, еден од патниците коментира ‘тууу, ова е полициско одморалиште, нема шанси да побегнеме’, па замислете полицијата која работи на спроведување на лицата до карантин со што сѐ се соочува. Вода е неопходно да се обезбеди за патниците кои пристигаат со авиони и чекаат сместување во карантин. (следните кои патувате купете си за секој случај во авион, цената во ‘Визер’ е 180 ден. за половина литар или 2,5 евра).

Ќе издржиме и повеќе од две недели карантин, само да сме здрави и живи. Седете дома за да може пак да се гушкаме“, порача камерманот кој со колегата Фејми Даут добија повеќе признанија и заедно со екипата од „Медена земја“ беа во центарот на вниманието не само на македонската јавност пред и за време на 92. доделување оскари на 9 февруари годинава.