Словенечкиот весник „Дело“ се осврнува на најновите уцени од Бугарија за евроинтеграцијата на Македонија во коментар насловен „Бугарскиот империјализам излегува од сенка“, со поднаслов „Бугарија го загрозува опстанокот на македонскиот народ и идентитет“.
„Скопје ги вложи сите сили за решавање на спорот за името со Атина, иако бугарскиот културен империјализам е многу поголема закана за македонскиот идентитет. С… Македонија се наоѓа пред многу сериозна пречка токму поради тесната поврзаност меѓу двата народа и култури“, вели авторот Вили Ајншпилер во воведот од написот што го пренесуваме во целост.
„Политичките елити во Скопје беа убедени дека сите чувствителни прашања меѓу соседите беа решени со потпишувањето на декларацијата за нормализирање на односите меѓу двете држави во 1999 година. На Бугарија ѝ беше во интерес да се покаже во поубаво светло од Грција пред да стане членка на ЕУ. Скопје така ѝ направи услуга на Софија тогаш, на која ѝ требаа докази за добрососедски односи, но, како што се покажа сега, таа само чекала на расплетот на грчко-македонскиот спор за да ги покрене своите ултимативни барања.
БРИСЕЛ СЕ ЗАВИ ВО МОЛК
Иако поранешниот македонски премиер Зоран Заев и бугарскиот премиер Бојко Борисов во 2017 година потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка во потрагата по решение за историските несогласувања, на крајот Бугарија се покажа како потежок сосед од Грција. Заев го потпиша асиметричниот и многу непријатен договор со Софија, кој беше договорен и ратификуван зад затворени врати, така што мнозинството граѓани не ги ни знаеше сите одредби од договорот. Бугарските барања не се нови, а заедничко за Атина и за Софија е токму оспорувањето на македонскиот народ и идентитет. Додека првите ги оспоруваа името на државата и дел од историјата, вторите го оспоруваат главно македонскиот јазик.
Тоа се стари националистички игри на Балканот, кои Софија може да си ги дозволи и поради кратковидоста на политичките елити во нејзината послаба сосетка. Иако бугарското условување на пристапниот процес на С… Македонија, која сè уште нема добиено датум за почеток на преговорите, во суштина е противевропско, регионалната и светската геополитика, како и односите на силите, имаат многу поголема тежина од нормативните акти. Брисел се зави во молк. Најверојатно, ќе остане солидарен со Бугарија и заради тоа да не си ја удира главата со македонскиот идентитет среде кризата од пандемијата на коронавирусот и економската рецесија.
СОФИЈА ПАК ГО УЦЕНИ СКОПЈЕ
Според мислењето на политичката аналитичарка Билјана Ванковска, се поставува прашањето кој ќе ги следи Софија и Атина со нови ултиматуми. Поради новата методологија за проширување, земјите-членки сега имаат поважна улога во оценувањето на напредокот на земјата-кандидат. За ‘Дело’, таа истакна дека е најфрустрирачко тоа што македонските државни елити не научија ништо од сопствените грешки.
Заев тврдеше дека го заштитил македонскиот јазик од грчките барања, но не бил доволно силен за да се спротивстави на позицијата на Бугарија за јазикот. Поради тоа, можно е да се случи добрите бугарско-македонски односи во последните години да паднат на најниско ниво. Бидејќи Софија е многу посилна од Скопје, пријателско решавање на спорот без притисок однадвор не е реално.
Заедничкото спротивставување од македонските и од бугарските интелектуалци на барањата на Софија, истакнато пред самитот на ЕУ, нема да биде доволно. Проблемот исто така е и во клучните историски фигури што и двете држави ги имаат како национални херои, важни за националните идентитети на Бугарија и на С… Македонија. Ванковска истакна дека политичките елити генерално не ги слушаат интелектуалците“.





