Ниту ние сме „ГифтоСкопјани“ (Циганоскопјани), ниту тие се „Цигани“, пишува историчарот Димитар Љоровски Вамвакоски за предрасудите што постојат во двете земји.
“Всушност ние и тие не се познаваме, нашите општества не се познаваат, нашите култури не се познаваат и немаат интеракција, ние и оние не знаеме да дискутираме, ние не знаеме да навиваме за исти тимови во светскиот фудбал или кошарка, да, ние не знаеме да се дружиме. Но и ние и тие сме само луѓе, кои ги мачат истите проблеми, кои се радуваат на исти работи, кои слават и прославуваат на сличен начин, исто славиме родендени, слично правиме свадбени прослави, ние имаме сличен менталитет. Да, ние сме сите исти, луѓе, кои можеме и мораме да споделуваме исти вредности и морални кодекси, вели научникот кој води потекло од Егејска Македонија и кој поради написи за македонското малцинатво сега е на црната листа на грчките служби за безбедност и не може да влезе во Грција.
“Проблемот е политиката, проблемот е историјата, проблем е национализмот и националниот мит, проблемот е што поради се погоре наведено ние не се разбираме. Мора да постои интеракција меѓу двете општества. Кога ние одиме на Халкидики да не гледаме непријатели, да дискутираме, да се дружиме, да правиме муабет за секојдневни работи, за нивните и нашите нешта, да го разбереме нивниот, а и они нашиот секојдневен живот. Кога доаѓаат они кај нас да не доживуваат со други очи, да не доживеат како пријатели. И да, сето тоа е можно и остварливо. За тоа да успее, мора да скршат стереотипите. Првите чекори се најтешки, и да, тоа треба да го направат политичарите, да се тргне од највисоко ниво и потоа тоа да се спушти најдоле, меѓу двата народа.
Зошто го пишувам ова? Затоа што знам дека е можно, затоа што сум имал многу пријатели Грци, затоа што сум се дружел, сум гледал спорт со нив, сум идел на концерти со нив, сум излегувал навечер во град со нив, сум играл фудбал и кошарка, и народна и жмурка. И да, тие се исто, нормални како нас. Прават работи и дискутираат на теми исто како и ние.
Затоа се е можно, но пред се’ мора да се тргне од нешто!!!”, пишува историчарот кој одлично ги познава грчките политички и социјални прилики.





