Литовски: Македонија нема потреба за протекторат, од 1944-1991 покажа способност за самостојна државност и стабилни институции

„Во современиот геополитички амбиент амбициите за развивање на државноста, кон кои тежнее Македонија, се насочени кон демократските модели за самостојност, самоопределување и сувереност, според принципите на меѓународното право. Кога во така проектираната визија за градење на државата се подметнуваат модели за протекторат се поставуваат прашања за целта, идеите, но и за интелектуално-политичките капацитети на предлагачите.“ – вели новинарката Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Желбата за протекторат – симптом на политичка импотентност“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



По јавното барање на одредени политичари Македонија да стане протекторат

Покрај другото, натаму во анализата се изнесува: Идеите за барање статус на протекторат, според моделот на Косово, неодамна ги пласираше претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари на официјалната веб-страница на неговата партија. Но, не треба да се потцени потенцијалот на ваквите „идеи“ за загрозување на сувереноста на државата.

Историчарот Александар Литовски цени дека Македонија е далеку од состојба да бара да биде протекторат.

Во духот на политичката (не)сериозност на идејата за барање протекторат врз Македонија, би прашал: дали можеме да најдеме некој меѓународен чинител да се пријави да ни биде заштитник (протектор)?  Македонија од 1944 до 1991 година покажа дека има капацитет да изгради држава и стабилни институции. Македонија нема потреба од протекторат и има сопствени потенцијали и капацитети да се справи со тоа, ако има политичка волја. Навлезени сме во тренд на автошовинизам, според кој, сѐ што е наше – не чини и не вреди. Тоа не е точно. Македонија покажала капацитет за самостојна државност.“ – вели Александар Литовски.

Самото искажување идеи за протекторат од политичар, што е дел од власта во една држава, значи дека не можел да смисли ништо попаметно, па се фатил за најевтин популизам.– вели професорката Мирјана Најчевска.