Литовски: Големобугарските експоненти и врховистичките бандити дивеат во обид да ја уништат македонската свест, но безуспешно!

„Книгата ‘За македонските работи’ на Крсте Мисирков, која го издигна Македонецот на пиедесталот на автохтон и рамноправен национален субјект на Балканот, како и сета македонска трагедија, ќе треба нас, Македонците да не освестат, за да ги преживееме премрежјата, кои ни доаѓаат.“ – нагласува д-р Александар Литовски, универзитетски професор од Институтот за национална историја, во својата колумна со наслов „Мисирков“, која ја објави во информативниот портал „Денес магазин“ и која ја пренесе денес на својот фејсбук-профил.

Покрај другото, Литовски пишува: „За македонските работи“ во Софија е најасен израз на македонскиот национален сепаратизам. Неговата македонска национална идеологија беше спротивна на сите дотогашни „егзархиско-македонски”, всушност, бугаромански, сознанија и верувања. Во наредните години по Мисирковата книга речиси само низ санктпетербуршките и одеските улици постоело вистинското и неизвалкано македонство. Сето останато, (повторно, со одредени индивидуални исклучоци), што само себе се „продаваше“ за „македонски борци“ и „македонска борба“, до триесеттите години на дваесеттиот век, беше во интерес на соседните големодржавни проекции.

Судбината на ненадминатата „За македонските работи“, криена и уништувана од одроденици, е парадигма и за македонското себенајмување за туѓи интереси. Сета таа македонска трагедија ќе треба нас, Македонците, да не освести, за да ги преживееме премрежјата, кои ни доаѓаат.

Како ќе се бориме е прашање, кое е дел од нашата сегашна и идна национално-политичка свест и совест, односно нашата спремност конечното позитивно да го затвориме она, што историски се нарекува македонско национално прашање. На македонистичкото решавање на тоа прашање во минатото, соседните балкански држави на Македонија, заедно со нивните странски ментори, редовно одговараа со жестока националистичка пропаганда и оружени судири на македонска почва, но и со терористички ликвидации низ европските и светските метрополи.

Денес одговараат, повторно, со жесток антимакедонизам, со уцени и закани, со нови големодржавни пропаганди, кои негираат сè што е македонско и со напрегање за нова денационализација и асимилација на Македонците. Големобугарските експоненти од Бугарија и нивните проврховистички приврзаници низ Македонија добиваат напади на бесно лудило при средбата со ликот и делото на Мисирков. Во тој нивен несопирлив и нескротлив бес се обидуваат, час да го дискредитираат како „малоумник“, „одроденик“ и „национален предавник“, час да го направат „најголем Бугарин“. Тоа е апсурдно пелтечење во националшовинистичкото бунило.

Тешко може да се очекува од овие негатори на македонскиот национален идентитет, да ја повратат нормалната човечка памет и да сфатат дека Мисирков и неговиот македонизам се дел од природниот процес на развојот на македонската нација и оти нив нема да може да ги уништи никакво оцрнување од големобугарски, или големосрпски позиции. Македонската национална свест доволно долго се потврдува секојдневно и плебисцитарно кај Македонците, та затоа целосно илузорни се обидите таа свест да се одрекува и уништи.

Затоа, денес кога систематски и доследно се омаловажува и одрекува секое македонско национално чувство, во време на опасна македонска морална, интелектуална, политичка и национална омалаксаност, во време на јавно и непречено дивеење на македонскиот бандитски врховизам, нам ни е потребна, како што пишуваше во март 1925 година Крсте Мисирков, „безаветна и безгранична љубов кон Македонија“ и потребно ни е „непрекинато мислење и работење за интересите на Македонија“, од страна на сите оние кои се искрено загрижени за македонската иднина, а кои се чувствуваат како Македонци.