„Кој нè бугаризира како народ? Кој ја бугаризира македонската иднина? Преземаат ли нешто македонската држава, нејзините безбедносни и дипломатски институции некаква акција за да го спречат дејствувањето на веќе јасно видливата и агресивна големобугарска агентура? Но, Гоце Делчев повторно ќе биде возвеличен како симбол на самостојната македонска борба за слобода наспроти бугароманските врховисти од типот на Сарафов, Александров и Ванчо Михајлов, а делчевизмот, кој е еднаков на македонизмот, повторно ќе биде светилник за движењето на македонскиот брод кон иднината.“ – нагласува д-р Александар Литовски, универзитетски професор во Институтот за национална историја во Скопје, во својата колумна со наслов „Делчевизмот е македонизам!“. Оваа колумна објавена на интернет-порталот на весникот „Слободен печат“ на 9 февруари 2023 година, Литовски ја преобјави сега и на својот фејсбук-профил. Ставовите, кои ги има изнесено професорот Литовски во оваа колумна од пред една година, стануваат без сомневање уште поактуелни денес.
Покрај другото, Литовски пишува: Денес многумина од бугаромански позиции настојуваат да го уништат делчевизмот сфатен како чиста македонска национална идеологија, како заложба за самостојна борба за слобода, како антиврховизам! Дури, тоа се прави од позиција на наводен „македонски патриотизам“, а од луѓе, кои до скоро ги величаа Сарафов, Матов, Тодор Александров, Ванчо Михајлов, Дрангов и останатата врховистичка булумента од македонското минато.
Историски погледнато, делчевизмот е онаа револуционерна идеја во Македонија, која поучуваше и практикуваше за самостојна и темелно подготвена ослободителна борба на македонскиот народ против отоманското господство. Тоа е онаа идеја во ослободителното движење, што се застапуваше како цел на борбата да се постави извојувањето на одделна македонска држава, без можност таа да биде присоединета кон некоја од соседните држави.
Не напразно и не случајно Гоце велел: „Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешното востание, кој мисли поинаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите“. Тоа е тогашната идеологија на македонскиот политички сепаратизам!
Наспроти ваквата гоцеделчевска цел стоеше врховистичката цел Македонија да се ослободи од отоманската власт и да се присоедини кон Бугарија. Кај врховистите дури и државноста на Македонија беше сфаќана и беше барана како преодна етапа кон присоединувањето кон Бугарија, односно кон остварување на големобугарската санстефанска националистичка проекција.
Токму оваа разлика денес десничарско-ревизионистичките историографи настојуваат целосно да ја избришат и да ја отстранат од видокругот на македонската јавност. Таа клучна разлика е не само непобитен историски факт, туку е и клучен национален македонски репер во оценувањето на историските настани и личности, во читањето на македонската историја и во градењето на македонската иднина.
Делчевизмот е еднаков на македонизмот. Тие се синоними! И двата поимa ја означуваат и ја содржат македонската национална идеологија! Токму затоа, делчевизмот сфатен како чиста македонска национална идеологија, како заложба за самостојна борба за слобода, како антиврховизам, денес многумина од бугаромански позиции настојуваат да го уништат! Дури, тоа се прави од позиција на наводен „македонски патриотизам“, а од луѓе кои до скоро ги величаа Сарафов, Матов, Тодор Александров, Ванчо Михајлов, Дрангов и останатата врховистичка булумента од македонското минато.
Изминативе десетина-дваесет години сите јасно можевме да видиме кои, и како поединци и како политички партии, на македонската јавна сцена го маргинализираа делчевизмот со антиквизација, со тодоралександровизација, со ванчомихајловизација, со хиперпродукција на лажен патриотизам…
Сето ова е предупредување дека, ако успее да ни се „продаде“ бугароманството, да ни се нормализира антимакедонскиот историографски ревизионизам, да ни се наметне една десничарско-авторитарна матрица на мислење, тогаш е реална опасноста делчевизмот и македонизмот да бидат оцрнети и фрлени на буништето на историјата! Всушност, тоа е опасноста да нè денационализираат како посебен идентитет и да нè уништат како македонска држава.
Делчевите предупредувања дека треба да се вардиме од опасностите, содржани во врховизмот, добија поголема тежина, поголемо значење, поголема веродостојност во светлината на бугарската агресивна антимакедонска политика и во светлината на повеќегодишниот внатрешен бугаромански неоврховизам, кој денес се „продава“ како „културни клубови“, или како потреба од „препрочитана историја“, или како наводна „одбрана на Македонија“ од луѓе, кои само ги бранат криминално стекнатите профити под превезот на самопрогласениот „патриотски“ ангажман.
Од една страна, гоцеделчевските предупредувања за опасноста од врховизмот на многумина им се чинат како некаква историска оставина што е ирелевантна во актуелните мигови. Од друга страна, тие предупредувања за опасноста од врховизмот се неважни за голем дел од македонската ревизионистичка историографија, која со сите сили се труди да го релативизира врховизмот и неговите носители во македонското ослободително дело, па зборува за „конзервативни сили во МРО“, за наводно „сите се бореа за независна Македонија“ и за слични историски невистини кои имаат за цел да се оправда македонското национално одродништво и слугувањето на бугарските државни и национални интереси.
Всушност, тоа е она што треба навистина да не загрижи. Затоа, во ова наше антимакедонско време нужно е јавно да се праша: кој ја бугаризира македонската историја преку идејно-национално плагијаторство од бугарската историографија? Кој ја бугаризира македонската национална свест? Кој нè бугаризира како народ? Кој ја бугаризира македонската иднина? Преземаат ли нешто македонската држава, нејзините безбедносни и дипломатски институции некаква акција за да го спречат дејствувањето на веќе јасно видливата и агресивна големобугарска агентура?
Какви и да се одговорите на овие прашања, едно е сигурно: македонскиот народ и македонската историја сите носители на инородни идеологии, кога-тогаш, ќе ги отфрлат и ќе ги постават на ѕидот на срамот. Делчевизмот нема да биде уништен сè додека се зборува за Гоце Делчев, за неговата вистинска антиврховистичка идејна определба и практична акција. Сè додека се зборува за неговите соидејници, соборци и продолжувачи на неговата борба против врховистите и бугарските посегања по македонската територија и македонскиот народ.
Гоце Делчев повторно ќе биде возвеличен како симбол на самостојната македонска борба за слобода наспроти бугароманските врховисти од типот на Сарафов, Александров и Ванчо Михајлов. За Гоце, за Јане, за Карев, за Мисирков, за Кузман… допрва ќе има пофални мисли и зборови во македонската иднина! Тогаш во таквата „чиста“ македонска иднина повторно Гоце ќе го има своето заслужено место на македонскиот пантеон, а делчевизмот повторно ќе биде светилник за движењето на македонскиот брод кон иднината.





