Лингвистички акробации со декларацијата на самитот во Софија поради Косово

Присуството на Косово на самитот за Западен Балкан на 17 мај во Софија влијаеше и врз текстот на предлог-декларацијата што го утврдиле на 19 април амбасадорите на 28. членки на Европска унија, од кои пет не ја признаваат неговата независност.



Некои од овие пет земји – Грција, Кипар, Романија, Словачка и Шпанија – не се среќни ни со именувањето на документот како „декларација“ и би претпочитале тој да се вика „заклучоци на бугарското претседателство“. Компромисното решение е „софиска декларација“, но со изјава во заграда по 16. точки од декларацијата дека „нoтираме дека нашите партнери од Западен Балкан се усогласуваат меѓусебе со наведените точки“.

Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово не се споменуваат по име, ниту како „држави“ или „земји“, туку како „партнери“, за да се избегне наведувањето на статусот на Косово. На тоа најмногу се противи Шпанија, посебно по октомврискиот референдум за независност на Каталонија, кој за Мадрид е нелегален, а премиерот Маријано Рахој стави на знаење и дека нема да присуствува на самитот поради присуството на Косово.

На друго место во документот речникот околу перспективите на регионот за влез во ЕУ е засилен со повикување на претходниот самит ЕУ-Западен Балкан од 2002 година во Солун, кога земјите-членки се согласија регионот еден ден ќе биде дел од Унијата.