„Фатмир Лимани, независниот кандидат за градоначалник на Општина Кичево на изминатите локални избори, едновремено и внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети, вечерва во емисијата ‘Клик Плус’ на ТВ 21 истакна дека оваа власт е нелегитимна и спомена неколку причини, поради кои тој смета дека оваа власт нема легитимитет. ‘Македонската страна, СДСМ, во овој случај изборите ги доби со друг премиер не со овој. Натаму, сите знаеме како се состави оваа Влада: со притисоци, со исчезнување на пратеници и т.н. Албанската страна, во случајот ДУИ, ги доби изборите со ветувањето за прв премиер-Албанец. Ветуваа и дека цената на струјата ќе се намали, а гледате што се случува сега.’ – додаде Лимани.“ – објави ТВ 21.
На својот интернет-портал ТВ 21 ги изнесе акцентите од оваа емисија: „Лимани истакна дека членови, односно тесната структура на ДУИ направиле милиони, најавувајќи дека во наредниот период ќе презентира и докази. Тој нагласи: ‘Од претседателот на партијата ДУИ до последниот се збогатени од власта. Како може еден возач да има куќа од 1 милион долари? Дали мислите дека џабе ја водат оваа војна (за да останат на власт)?“
Фатмир Лимани беше прашан: дали има милионери во ДУИ? Неговиот одговор беше: ‘Има, како нема! Има многу! Такви се 80 отсто од структурата.“
„Лимани го обвини и лидерот на ДУИ Али Ахмети дека е диктатор, кој е 20 години на власт. ‘Никаде во Европа нема таков пример.’ – кажа тој.“
Фатмир Лимани, кој неодамна и се придружи на опозициската албанска партија „Беса“, во ‘Клик Плус’ на ТВ21 порача дека нема да има заеднички листи со ВМРО-ДПМНЕ. ‘Нема да прифатам заеднички листи со ВМРО ДПМНЕ. Ние, како албанска опозиција, мора да се обединиме и само на тој начин може да го победиме ДУИ. Ако не се обединиме, ако не излеземе со заеднички листи, тоа само би значело дека сме филијала на ДУИ. Тоа нема никаква логика. Но, од друга страна не сум за заеднички листи со ВМРО ДПМНЕ, како што беше случајот на БЕСА со СДСМ.’ – рече Фатмир Лимани во ‘Клик Плус’ на ТВ 21“





