Се чини дека Владата потклекнува под континуираната негативна кампања која се води против игрите на среќа во Македонија. Можеби сега изгледа лесно да се избере популизам наместо аргументи, но последиците од погрешните одлуки ќе бидат големи. Предложените измени на Законот за игри на среќа и забавни игри со кои се предвидува дислоцирање на објектите на 500 метри од образовни институции се вовед во укинување на целата економска гранка поврзана со игрите на среќа. И тоа во услови на најголемата економска криза после Втората светска војна.
За жал, надлежните државни институции за оваа дејност не извлекуваат поуки од европските пракси. Крајно апсурдна изгледа информацијата дека на предложените законски измени е ставено европско знаменце за да се забрза постапката за нивно усвојување во парламентот. Ваквите ригидни политики кон игрите на среќа воопшто не се европски.
На почетокот на 2023 година привлече внимание веста дека 40.000 жители на малото Кнежевство Лихтештајн на 29 јануари ќе одлучуваат на референдум за иницијативата за затворање на казината во оваа европска земја. Главниот аргумент на иницијаторите за затворање на игрите на среќа беше дека Лихтештајн станал „Лас Вегас Алпа“. Застапникот на референдумот Гидо Мајер изјавуваше дека не сака Лихтештајн да се етаблира како казино и жариште за покер во Европа. Вицепремиерката Сабине Монуани објаснуваше дека приходот од 50 милиони швајцарски франци на годишно ниво е многу важен за буџетот на Лихтештајн и дека радикалниот пристап со затворање на казината не го решава проблемот од зависност од игрите на среќа.
На референдумот високо мнозинство од 72 проценти од жителите на Лихтештајн со гласање против ја отфрлија иницијативата за затворање на казината. Претходно и принцот Ханс Адам Втори заедно со Парламентот на Кнежевството Лихтештајн се изјасни против забраната за казината, оценувајќи дека негативно ќе влијае врз домашната економија. Во Лихтештајн до 2017 имаше забрана за игрите на среќа. После укинувањето на забраната се отворија шест казина, кои редовно се посетуваат од жители на соседните Германија, Швајцарија и Австрија.
Во Тетово има безмалку 85.000 жители. Речиси двојно повеќе од Лихтенштајн. Движењето „Антикоцкање“ чии претставници се од Тетово, со години критикуваат дека Тетово личи на Лас Вегас и се залага за целосна дислокација на објектите за игри на среќа надвор од урбаните места. Дури во декември минатата година ја промовираа идејата за локален референдум во Тетово на кој наводно ќе бараат граѓанска поддршка за нивната иницијатива. Оваа иницијатива „де факто“ е предлог за целосно гаснење на индустријата за игри на среќа. Како што секогаш бива со гласноговорниците на Антикоцкање кои се појавуваат периодично (како некој да ги контролира со далечинско), од локалниот референдум се уште нема ништо. Иако немаме ниту одговор дали и чии бизнис интереси штити Движењето „Антикоцкање“, добро би било да го кажат своето мислење за фактот дека сите ригидни иницијативи за затворање на игрите на среќа во Европа доживуваат порази.
Не треба да се гледа дури до Лихтенштајн, доволно да се погледне во соседството. Во октомври лани, албанската Влада соопшти дека после четири години откако ги забрани ги враќа игрите на среќа. Образложението на албанскиот премиер Еди Рама беше дека после забраната, игрите на среќа продолжиле да се одвиваат на црно и дека повторното легализирање на оваа дејност ќе ѝ помогне на албанската економија во време на енергетска и економска криза.





