„Не треба да велиме повеќе ‘Македонци’, туку Албанци од Македонија. Од овде треба да започне промената на пристапот на Албанија кога им се обраќа на овдешните Албанци како на ‘Македонци“. – изјави Адријан Лапај од Албанија во емисијата „10 минути“ на ТВ 21. Како што објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА, Лапај е адвокат и лидер на новото политичко движење „Станува Албанија“, кое беше претставено со политичкото предавање во врска со „албанското прашање“, одржано вчера, на 26 ноември 2023 во Скопје.
ТВ 21 пишува: Запрашан во емисијата „10 минути“ дали неговото доаѓање ќе значи формирање ново движење и во Скопје, Лапај одговори: „Доаѓам во Скопје, бидејќи Албанија нема да биде никогаш држава, која ќе блеска, ако не ја цени вредноста на својот народ на териториите каде што живее.“
„Лапај признава дека има комуникација со одредени сегменти од Движењето Ветвендосје (‘Самоопределување’ од Косово. Во врска со најавата на оваа владејачка партија од Косово на Албин Курти дека ќе отвори свој огранок и во Македонија Лапај коментира: ‘Албанците ги пригрнаа политичките претставници, кои ја заборавија мисијата, поради која го добиле нивниот глас.“
Инаку, на споменатото „политичко предавање“ за „албанското прашање“ во Скопје организирано од Адријан Лапај и неговото политичко движење „Станува Албанија“ учествувала и Елена Коцаќи политички аналитичар, историчар – албанолог и професор на Универзитетот „Александер Мојсиу“ во Драч, Албанија. Таа ги негира целосно постоењето на македонскиот народ и неговата засебна национална историја.
Во својата колумна под наслов „Албанците се вистински Македонци, а не Бугарите“, која ја објави информативната агенција на албански јазик ИНА во октомври 2021 година, Коцаќи има напишано: „Македонци во Македонија се само Албанците. Бугарите сакаат да им ја украдат на Албанците ‘македонската етничка припадност’. Во уставните промени државата * Македонија треба да има два етникума: Албанци и Бугари. Албанците не треба да дозволат во нивната нова држава да има македонски етнички концепт за Бугарите.“





