Лидерите на ЕУ со вонредна координација за новиот вид коронавирус

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, канцеларката Ангела Меркел, шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и првиот човек на ЕУ Шарл Мишел денеска телефонски разговарале за новиот вид на коронавирус што се појави во Велика Британија и што натера некои европски земји да ги прекинат летовите кон таа земја, соопшти Елисејската палата.



Предходно британскиот премиер Борис Џонсон потврди дека има случаи на нов вид корона вирус и побара повеќе време за да и даде детални информации на јавноста.

Францускиот претседател, германската канцеларка, претседателката на Европската комисија и претседателот на Европскиот совет разговарале откако Холандија, Белгија и Италија ги прекинаа патничките летови со Велика Британија.

Шпанија побарала од Брисел координиран одговор на ЕУ во врска со прекинот на летовите од Велика Британија, по откривањето на нов вид на коронавирусот во таа земја, објави во неделата шпанската влада.

“Сакаме да ги заштитиме правата на европските граѓани со координиран пристап и спречување на еднострани мерки”, се вели во владиното соопштение од Мадрид.

Светската здравствена организација (СЗО) ги повикува своите членови во Европа да ја зајакнат контролата над новиот вид на коронавирус што циркулира во Велика Британија, соопштија денеска за АФП од европскиот огранок.

Надвор од Велика Британија, неколку случаи од новиот вид се пријавени во Данска (9) и по еден во Холандија и Австралија, посочуваат од СЗО, од каде им препорачуваат на земјите да ги зголемат капацитететите за секвенционирање на вирусот со цел да се дознае повеќе за опасностите од новиот вид.