Сојузот на здруженија на дијабетичари кај омбудсманот Насер Зибери испрати претставка затоа што Министерството за здравство не им обезбедува глукомери и ленти за мерење на шеќерот кои се неопходни за да се контролира оваа хронична болест.
„За состојбата во која се наоѓаме 116 илјади граѓани од кои 4 илјади се со дијабетес тип еден (600 деца), како и во името на 44 илјади пациенти кои зависат од инсулин и од таблетарна терапија, Сојузот во името на сите нив се обраќа до правобранителот и бара од него заштита во постапките за остварување на правата на пациентите“, му пишаа дијабетичарите на Зибери.
Обврската за редовна набавка на глукомерите и лентите, согласно член 16 од Законот за здравствена заштита и Програмата на Владата за набавка на инсулини, антидијабетна терапија, системи за континуирано мерење на гликемија и пумпи од 1 февруари годинава е исклучиво на Министерството за здравство со буџетски пари преку тендери за период од две години.
Според Сојузот на здруженија на дијабетичари, претходниот тендер истекол на крајот на 2022 година, а следната тендерска постапка наместо да се распише пред крајот на претходниот тендер, се распишала дури во април.
Поради тоа, пациентите со дијабетес девет месеци се оставени без неопходните глукомери и ленти.






