Лица кои не живеат во Македонија ќе добијат македонско државјанство

Предлог измените на Законот за државјанство кои кришум и без јавна дебата влегоа во Парламентот нема да го реши реалниот проблем на граѓаните кои со децении чекаат да добијат државјанство.



Но, законот ќе овозможи лица што воопшто не живеат во Македонија ќе добијат можност да извадат македонско државјанство, велат од Здружението на млади правници.

„30 години Македонија не може да ги реши случаите на бездржавјанство и сега гледаме пред нас некои формулации кои се однесуваат на добивање на државјанство за лица кои што можеби и не живеат на територија на Македонија, лива кои пред 1991 година имале некаков однос со државата меѓутоа не е утврдено колку време требало да живеат, да престојуваат во Македонија, а од друга страна гледаме случаи на кои работи нашата организација, деца кои што се родени после ’91 година немаат никакво државјанство, живеат на нашата територија и овој Закон нема да ги опфати нив нажалост“, вели Зоран Дранговски од Здружението на млади правници.

Дранговски вели дека побарале од собранискиот спикер Талат Џафери да свика јавна седница за Законот, на која ќе може експретите да дадат свои предлози околу законското решение. До сега одговор за вклученост на јавноста нема.

„Сметаме дека носењето на овој Закон, вака како што е, е пропуштена шанса за да се донесе квалитетно решение, да се слушне стручната јавност што мисли. И нели сепак, ова е демократски процес носењето на Закони. Мора секој да има увид во тоа што се носи, да има можност да го разгледа, да предложи, да се дискутира, а тоа не го гледаме во овој закон кои оди по скратена постапка“, додава Дранговски.