Младите од ВМРО-ДПМНЕ му спремија пакетче на директорот на ФЗО. Го критикуваат директорот дека заминал на одмор додека системот со податоци беше хакиран, а лекарите не можеа да земат плати.

„Не знаејќи како да се соочи со реалноста, на директорот Фатон Ахмети најлесно му било да оди во САД и сето ова време да седи на плажа, пиејќи коктели и да игра со песок. Затоа, ние како УМС на ВМРО-ДПМНЕ, денеска спремивме едно пакетче за директорот. Лежалка за да одмори, топка и сет кофички и лопатки за да игра на убавите песочни плажи и да не му здосади одморот, гума за пливање за кога ќе одлучи да се излади во водите на Атлантикот да не забега кон длабокото и да го загубиме и за крај чадор и крема за сончање за да не му изгори кожата бидејќи неговата кожа е поскапа од кожата на македонските граѓани. Власта на СДС – ДУИ и нивниот кадар не ги интересира животот на граѓаните. Додека тонеме на секое поле од општеството, овие мислат само на луксуз и лични интереси“, вели Валентин Манасиевски од ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Системот се врати во функција, но од ФЗО не кажаа колку пари барал хакерот, затоа што е отворена истрага.
Магдалена Филиповска Грашкоска, генералната директорка на Фондот за здравство, деновиве на одржаниот брифинг со новинарите рече дека не смее да изнесува детали за тоа колку пари бараат хакерите.





