За изборни нерегуларности, „Левица“ до Државната изборна комисија денеска поднела 425 приговори, а ќе следуваат уште се до затворањето на рокот кој истекува денеска во 19,30 часот.
Од „Левица“ која со 36.000 гласови доби 2 пратенички места, сметаат дека им биле „скратени“ уште три мандати.
„Овие приговори се однесуваат на голем дел од избирачки места од повеќе изборни единици каде набљудувачите на Партијата, но и други лица кои непосредно беа сведоци на броењето на гласовите, ни дадоа информации за манипулации спроведени од страна на лица на ДИК.
Со овие манипулативни активности директно е оштетена Политичката партија Левица, на која ѝ се скратени три пратеници, а директно е нарушено и правото на избор на граѓаните чии гласови не се правилно валоризирани.
Дополнително, ја известуваме јавноста дека поднесувањето приговори ќе продолжи и во текот на денов, се до завршување на законскиот рок од 48 часа!“, се вели во соопштението на „Левица“.





