Левица ќе бара забрана на здружението „Цар Борис Трети“

Како што беше поднесена иницијатива за забрана на здружението „Иван Михајлов“ во Битола, така ќе биде поднесена и иницијатива за забрана на новоотвореното Здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид, најавија од партијата „Левица“.



„Слободата на здружување на граѓаните како уставно загарантирано право има свои јасни граници со цел спречување на насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

Основањето на здруженија со назив „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, е директно насочено кон насилно уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија, а особено кон разгорување наа национална омраза. Борбата и победата над фашистичкиот окупатор е дел од европската култура и историја.

Воздигнувањето на вакви личности е опасен тренд кој треба под итно да биде спречен во Македонија“, велат од парттијата.

Владата и институциите се слепи и глуви за оваа опасност и не ја спречуваат. Министерот за правда Никола Тупанчески најави одредена Комисија како адхок-тело кое ќе делува меѓуресорски, и ќе дава мислење за карактерот на историските личности.

Во изјавата на Министерот не дознавме на кој начин таа ќе се основа и кои ќе бидат нејзините надлежности. Очигледно е дека оваа изјава е во насока на смирување на македонската јавност која е особено вознемирена и постојано реагира на ваквото подло и тенденциозно наметнување на фашизмот во нашето секојдневие. Очекуваме реакција од Јавното обвинителство и останатите државни органи за постапување и спречување на овој опасен тренд на наметнување и воздигнување на докажани фашистички дејци и државници на окупаторски држави, за кое реагираше и еврејската заедница во Македонија“,реагираат од Левица.

За жал, како Министерство за правда практично немаме никакви ингеренции, одговори вчера министерот Никола Тупанчевски на новинарско прашање дали ќе се дозволи отворање на уште еден бугарски клуб во Охрид со име „Цар Борис Трети“.