„Остро се противиме на најавите на претседателот на Републиката, г. Пендаровски, дека се планира продолжување на вонредната состојба бидејќи тоа е спротивно на Уставот на Република Македонија. Член 125 од Уставот е јасен и го ограничува максималното траење на вонредната состојба на најмногу 30 дена. Оттука, нејасно е од каде Кабинетот на претседателот или Советот за безбедност ги црпат своите ингеренции за арбитрерно удвојување на овој стриктно утврден уставен рок“, велат од партијата Левица околу одлуката која денеска многу извесно ќе ја донесе Советот за безбедност.
Според јата, продолжувањето на вонредната состојба не само што е противуставно туку е и непотребно.
„Впрочем, таа беше воведена како правен механизам само за одлагање на веќе распишаните парламентарните избори, а не и за справување со последиците од коронавирусот. За борба против епидемијата, на властите им стојат на располагање огромен број ингеренции и координативни мерки предвидени во Законот за заштита на населението од заразни болести (2004) и во Законот за управување со кризите (2005), кои даваат потполна правна уреденост на постојното прашање наместо авторитативно и нетранспарентно носење безброј уредби со законска сила, кои немаат никаква врска со болеста“, се наведува во соопштението.
Според партијата, проблематично е и тоа што овие агресивни и непропорционални здравствено-полициски мерки се носат, како што велат, паушално и необмислено, од страна на преодна влада која има ограничен мандат само за техничко организирање фер и демократски избори, пренесе Макфакс.
Од Левица предупредуваат дека “доколку, и покрај нашите барања, се одлучи да се донесе противуставна одлука за некакво си бесправно и неосновано продолжување на вонредната состојба – таа од наша страна веднаш ќе биде оспорена пред Уставниот суд на РМ“.






