Гледам деновиве два табори се препукуваат дали кога се зборува за Македонија треба да се каже и Северна.
Дури и професорот Тито Беличанец обвинува дека со неспоменување на зборот на С се кршел уставот и се обидува да отвори конфликт на сдсмовско-вмровска линија.
Тоа што го сторија Лозано во Белград, Самир и Фејми во Лос Анџелес многумина го ставаат во партиско политички рамки а нивните изјави не се политика и не смеат да бидат третирани како политика.
Тоа е став кон сопствената земја, кон историјата, кон сегашноста, кон комшии, дедовци и баби, кон себе и кон иднината.
Тој став го делат сите освен оние малкумина следбеници на Заев како наведениот Тито и неговата дружина спомената или неспомената од Ла Верита.
Дури и тие што од страв или интерес ја користат Северна како да им е наследство од прадедо знаат дека е тоа погрешно, навредливо и мизерно.
Затоа ставот дека доаѓаат од Македонија на Лозано во Белград или на Фејми Дут и Самир Љума во Холивуд не смее да биде политика и тема на партиски препукувања.
Тоа е основно човеково право што не може да го укине било каков меѓународен договор, пакт, квислиншка влада или декрет.
Оставете ги Лозано, Самир, Фејми и многу други што не го кријат својот став да бидат тоа што се, да кажуваат без страв дека се од Македонија. И притоа да не излажат.
Да се каже само Македонија без зборот на С е право но и должност кон сите зад нас и сите пред нас.





