Лекарската комора на Македонија преку соопштение информираше дека дел од лекарите се однесуваат спротивно на официјалните протоколи, на медицината базирана на докази и кодексот на медицинската деонтологија: Не веруваат во постоење на коронавирусот и не ги праќаат пациентите на тестирања за Ковид-19.
„Овие колеги не ги пријавуваат заболените за тестирање и ги лекуваат во домашни услови, а некои дури сметаат и дека вирусот не постои или се работи за заговори, со што се зголемува ризикот од ширење на инфекцијата“, се наведува во соопштението од Лекарската комора на Македонија, јави „Телма“.
Претседателката на Комората на лекари, Калина Гривчева – Старделова за Телма вели дека ваквите сознанија се доставени до Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.
„Не е тоа голем број на доктори, меѓутоа еден мал, кој постои, ги лекуваат ги третираат пациентите дома, како настинка. Тоа подразбира дека ако третираш пациент дома не го тестираш. Основниот проблем е во тоа што пациентите кога ќе се препознаат дека настинката не поминува така лесно, дека не било лесна настинка, тогаш ги упатуваат во болница и најчесто се во сериозно тешка состојба“, вели д-р Калина Гривчева – Старделова, претседателка на Лекарската комора на Македонија за Телма.





