Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против лекарка од Куманово (51), поради основано сомневање дека брала и примила поткуп.



Специјалистката за очни болести, вработена во ЈЗУ „Општа болница Куманово“- Очно одделение во Куманово, во два наврати, од свои пациенти, побарала износ од по 12.000,00 денари за да им изврши операција на катаракта, под изговор дека ваквите средства и се неопходни за набавка на леќи, иако леќите ги набавува болницата, а оштетените не биле должни да го платат наведениот износ, односно требале да платат само партиципација.

Побараниот паричен износ бил исплатен пред да бидат извршени операциите, „на рака на обвинетата“.

Постапувајќи по поднесената кривична пријава, во Основното јавно обвинителство Куманово оформен е предмет, а до Судијата на претходна постапка при Основен суд Куманово поднесен е Предлог за определување на мерката притвор против осомничената во насока на непречено одвивање на постапката. Судот со Решение  на осомничената и определи мерка притвор во траење од осум дена. ​​