Лебот ќе се „пече“ за 100 евра за мегават час

По околу 100 евра за мегават-час, ЕСМ Продажба ќе им обезбеди струја на компаниите што произведуваат основни прехранбени производи, а тоа според министерот за економија Крешник Бектеши, е двојно пониска цена од онаа што се продава на берзите или за трипати поевтино од цената на струјата на слободниот пазар. По овој чекор, се очекува пад на цената на лебот, печивата, брашното, маслото за јадење и млекото во наредниот период и за 10 проценти.



Според министерот за економија пониската цена на струјата ќе овозможи основните производи да се продаваат со поприфатлива цена за граѓаните.

– Во формулацијата на финалната цена на одреден производ има многу импути, а еден од нив е електричната енергија. Тоа што ќе го добијат е двојно пониска и според таа формулација најверојатно ќе бидат намалени цените на готовите производи. Мислам дека струјата нема да биде поскапа – рече Бектеши.

Горан Георгиевски, претседател на Агробизнис комората при ССК, смета дека ова е сериозен исчекор, кој на некој начин ќе го стабилизира пазарот. Сепак, производителите на основни прехранбени производи, очекуваат и други мерки од Владата за да го поминат овој кризен период, посочи Георгиевски.

Министерот за економија порача дека Владата има механизми во случај на злоупотреба на цените да се донесат одредени одлуки во согласност со мерките за замрзнување одредени цени на основни прехранбени производи.

– Ова е само почеток на донесување вакви мерки, ќе следуваат и уште многу мерки, со цел да ја ублажиме кризата и за заштита на стандардот на потрошувачите – додаде тој.