Претседателот на мелничко–пекарската индустрија, Горан Малишиќ, за Алсат вели дека дека поскапувањето на основниот прехранбен производ мора да се случи поради неколку глобални фактори, и дека ниту една влада не може тоа да го спречи.
Според него, обвинувањата на земјоделците дека мелничко– пекарската индустрија неосновано ги зголемува цените на лебот и печивата се – нарачана политичка реакција.
„Не коментирам нарачани реакции од никого, ние сме бизнис заедница – вели Малишиќ.
Како одеднаш пред избори цената (на лебот) стана главна тема, а никој не зборува што маслото за јадење е 120 денари. Цената на лебот зависи од многу фактори, главни се светските берзи каде се продава пченицата. Ги следиме глобалните текови и можам да соопштам дека имаме проблем кој не се сопира“.
Според пресметките на земјоделците, мелничко пекарската индустрија е покриена со пченица до крајот на годинава. Дополнително, земјоделците обвинуваат дека 260 милиони килограми пченица им продале на мелничарите по, според нив, ниска цена, односно за 10,5 денари по килограм. Сега земјоделците велат дека доколку продолжат поскапувањата, ќе бараат да им бидат исплатени дополнителни средства за пченицата бидејќи велат дека ја продале по ниска цена знаејќи го стандардот во Македонија и потребата од поевтин леб.
Државата засега нема да реагира во однос на овие поскапувања со образложение дека земјава е пред изборен процес, потсетува Алсат.
Најавеното покачување на цената на лебот и пецивата претставува само уште една потврда за целосната некоординираност меѓу министерството за економија и министерството за земјоделство, оценува екс министерот за земјоделство Љупчо Димовски.
Неодговорноста и незаинтересираноста или конечно и очигледно ограничениот капацитет на овие онституции се причината мелничко-пекарскиот сектор неколку години да дивее, смета Димовски.







