Мелничарите ја поздравуваат владината одлука за обезбедување електрична енергија по поволни цени со која се опфатени производителите на храна и велат дека од неа најголем бенефит ќе имаат граѓаните.



Тие најавуваат поевтинување на лебот за околу 10 отсто кон крајот на декември или од почетокот на идната година.

Сепак, како што објаснуваат, цената на лебот ќе зависи и од движењето на цените на суровините.

„Со двете владини одлуки, за цената на електричната енергија и за ограничување на маржите во трговијата на големо и трговијата на мало, неминовно ќе има надолна линија со што ќе се постигне нормална цена во моменталната кризна состојба.

Во зависност од индустрискиот пекарски капацитет, намалувањето на цените би било околу 10 проценти на малопродажните цени, нормално ако основната суровина, пченицата и брашното на берзите се задржат на ова ниво со цените во опкружувањето и во светски рамки, истакнува за МИА претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора на Северна Македонија, Горан Малишиќ.

Според потпретседателот на Сојузот на стопански комори (ССК) и претседател на Агро-бизнис комората при ССК, Горан Ѓорѓиевски, мора да се земе предвид дека намалувањето на цената на лебот и печивата зависи и набаката на суровини.

„Се соочуваме со неповолна ситуација поради повлекување на Русија од договорот за транспорт на житото од Украина преку Црно Море, поради што процесот е стопиран и тоа веќе предизвикува раст на цените на берзата. Овој проблем има глобална димензија и не би можеле да кажеме со сигурност како ќе се одрази кај нас, нагласува Ѓорѓиевски.

Како дополнителна мерка која ќе влијае на намалување на негативниот ефект од растот на цените на суровините, тој го посочува активирањето на стоковните резерви.

„Така би можело да се обезбедат влезни производни инпути по соодветно ниски цени, а со нив, пак, би се постигнала пониска цена на крајниот производ“, вели Ѓорѓиевски.

Бизнис вести,мк