Леб и колачи: Царовска прогласена за Марија Антоанета

Министерката Мила Царовска на која Власта најверојатно и овозможува да живее далеку од реалноста, со светлосна брзина влегува во улога на Марија Антоанета која искрено, од сѐ срце, на својот народ му препорача да јаде колачи доколку нема леб, обвини Комисијата за образование и наука на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.



“Мила Царовска ги занемарува стотиците ученици кои воопшто не следат настава, стотици кои следат настава само на телевизија и стотици кои следат настава на паметен телефои, како и оние 1300 ученици во Македонија немаат струја. Таа на сите им нуди дигитални учебници и алтернативно печатени. Ова дигитално навистина звучи модерно, но се запрашал ли некој кој е алтернативата?

Алтернативата е:
На учениците кои имаат потреба од печатен учебник, училиштето ќе им го печати учебникот”, се вели во реакцијата која упатува дека оваа позиција во себе крие бројни прашања?

“Едно е: Што ако сите ученици побараат учебник по сите предмети?
Училиштето треба да ги обезбеди.

Марија Антоанета, треба да си свесна дека училиштата кубурат со дидактички средства, какви што се магнети, струјни кола, хартија за тестови, а не да печатат учебници. Во многу училишта родителите сами партиципираат финансиски за нагледните средства.

Дополнително, потребни се печатачи, не само за книги, туку и за е-дневникот, потоа тонери во боја и квалитетна хартија. Кога како и вообичаено училиштата нема да можат да си го дозволат ова, родителите ќе си платат. Ако веќе плаќаат зошто тогаш на децата не им се обезбедат убави, модерни, илустрирани учебници кои ќе им го привлечат вниманието, наместо парталави фотокопии кои според нејзиниот план ќе бидат единствениот достапен печатен учебник.

Печатените учебници треба да бидат прва опција достапна за сите, а дигиталните можна втора опција.

Да ја потсетиме Министерката дека дигитални учебници и сега постојат.
Кога сме кај ,,парталавите и валкани учебници кои уништувале генерации на деца“, како што вели министерката, ја потсетуваме дека и таа е продукт на истите тие, но и бројни за малата Македонија, ученици кои завршиле на Харвард, Оксфорд, на бројни универзитети низ Светот како професори и видни стручњаци и во бројни престижни компании низ Светот.

Светот не почнува и не завршува со појавата на еден Министер и една Влада. Она што Министерката го зборува за набавка на компјутери, таблети и други потребни дигитални уреди за модерна настава, требаше и досега да го направи и не можеме, а да не ја потсетиме на проектот ,,Компјутер за секое дете“.
Силно ја поддржуваме да обезбеди аудио-учебници и учебници изработени со Браева азбука кои ја потсетуваме ги има само треба да се потруди да ги најде и со нетрпение очекуваме во најкус временски рок да ги видиме најавените промени.

За крај, компарацијата на компјутерски игри и поминување време на социјални мрежи и користење учебник за стекнување знаење е несоодветна. Светскиот тренд вели дека и тоа со игрите и социјалните мрежи е премногу, но тоа е тема за социолози и психолози.

За штетата која ја трпат децата со постојана употреба на компјутер веќе се објавуваат резултати на поедини истражувања, кои не се на штета како Министерка да ги знае, особено во време на пандемијава”, порачува ВМРО-ДПМНЕ која бара Царовска односно Марија Антоанета прво да обезбеди брашно за наставниците, а тие потоа лесна ќе знаат како да испечат леб за учениците и со печатени и со дигитални учебници кои треба да бидат втора и исклучиво втора опција.