Претседателот на новоформираната Градска организација на ЛДП во Скопје, Филип Јакимовски, ја потенцираше потребата од итна промена на градочалничката на главниот град…
Она што се случува во главниот град Скопје е јасен знак дека мора да има механизам за отповикување на градоначалниците. Граѓаните не смеат да трпат заради неспособноста на локалните власти, велат од ЛДП од каде најавуваат граѓанска Иницијатива за измени на Законот за локална самоуправа и собирање на потписи за референдум за отповикување на градоначалници.
„Со длабоко разочарување и загриженост ја гледам сегашната состојба во нашиот главен град“, вели претседателската на Либерално демократската партија, Моника Зајкова.
„Паметам поубаво Скопје, град на светлина, култура и зеленило, а не град кој сега е завиен во темнина и се гуши во смет. Се чини дека сегашните локални власти се оддалечиле од основните потреби и желби на своите граѓани. Некогаш, Законот за локална самоуправа од 1996 година оставал законска можност за граѓаните активно да учествуваат во одлуките кои ги засегаат нивните животи, вклучително и механизмот за отповикување на градоначалниците.
За жал оваа круцијална одредба во Законот за локалната самоуправа од 2002 година беше избришана и од тогаш па до денес, граѓаните се лишени од законска можност да покренат постапка за отповикување на градоначалници“, вели Зајкова.
Сега се наоѓаме во ситуација во која градоначалниците буквално можат да ги поминуваат своите мандати без реална одговорност и отчетност за нивното (не)сработеното, а од тоа страдаат општините и граѓаните, вели Зајкова.






