63-годишен тетовец, осомничен за кривично дело „тероризам“ поради лажно пријавување поставени бомби на повеќе локации во Делчево, доби кривична пријава соопшти МВР, а за делото „ заканување со експлозија или уништување јавни објекти“ предвидена е казна затвор од најмалку 8 години..
Осомничениот на 17 декември од својот мобилен телефон се јавил во полициската станица во Делчево, лажно се претставил и пријавил дека на повеќе локации низ градот има поставено бомби.
„Полициски службеници извршиле преглед на посочените објекти, при што не биле пронајдени сомнителни предмети. По преземени мерки и активности, на 22.12.2022 С.Ѓ. бил лишен од слобода и во Полициската станица Тетово со него бил извршен службен разговор, по што му бил одземен телефонот и две СИМ картици“, стои во соопштението од МВР.
Тој може да биде осуден според членот 394-б став 2 од делото „тероризам“ од Кривичниот законик.







