Селекторот и капитен на ракометната репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, ја коментирав ждрепката за Европското првенство 2022 во Словачка и Унгарија, која на неговите избраници за ривали во групата A во Дебрецин им ги одреди Словенија, Црна Гора и Данска по тој редослед.
„Одиме по потешкиот пат, но нема изговори. Зависиме од самите себеси и од тоа колку ние ќе успееме да се подготвиме на посакуваното ниво до јануари. Противниците се тие што се, нема многу да се оптоваруваме со нив. Ќе се подготвуваме максимално и на секој натпревар ќе одиме на победа. Ми се допадна една изјава на еден од нашите лидери во репрезентацијата, Никола Митревски, кој рече: ‘Ако играме како што умееме, не е важно кој ќе ни биде ривал’. Веќе од утре почнуваме со подготовки за ЕП“, порача Лазаров.
Групата Б во Будимпешта ја сочинуваат Португалија, Унгарија, Исланд и Холандија, во групата Ц во Сегедин ќе играат Хрватска, Србија, Франција и Украина, во групата Д во Братислава паднаа Германија, Австрија, Белорусија и Полска, групата Е исто така во Братислава ја формираа Шпанија, Шведска, Чешка и Босна и Херцеговина, а во групата Ф во Кошице ќе ги одмерат силите Норвешка, Русија, Словачка и Литванија.
Во следната фаза ќе има место за првите две селекции од секоја група.





