Селекторот на машката ракометна репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, се прости на социјалните мрежи од Андон Бошковски, со кој беа дел од историското петто место на Европското првенство 2012 во Србија – тој како најдобар стрелец на шампионатот, а популарниот Доне како асистент на тогашниот „изборник“ Звонко Шундовски.
„Почивај во мир Дондо мој
Реткост е во денешно време да имаш блиски луѓе, а ти ми беше еден од ретките.
Многу нефер од твоја страна.
Направивме многу заедно.
Знаевме и да се скараме, но се сакавме/почитувавме.
Беше многу поквалитетен од тоа што мислеа, но тоа не е битно, јас знаев што имам покрај себе.
Нека ти е лесна земјата и светол патот.
Сликата е од ЕП Србија 2012 по победата над Словенија за 5. место на прес-конференција, каде бевме горди Македонци“, напиша на Фејсбук најдобриот македонски ракометар во историјата за својот пријател и соработник во КЛ7 и во сениорската селекција на Македонија.





