Селекторот на ракометната репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, смета дека неговите избраници не заслужија двоцифрен пораз од олимпискиот шампион Франција на отворањето на Европското првенство во Германија, туку најмногу 6-7 гола разлика.
„Тие заслужија да победат, тие се најдобри во светот. Разочаран сум од конечниот резултат, бидејќи не заслуживме да загубиме двоцифрено. Со играта што ја прикажавме не требаше да загубиме со повеќе од шест-седум гола разлика. Тактички не заостануваме толку многу, колку на физички план, нешто на што секој ракометар треба да поработи повеќе“, смета Лазаров.
„Почнавме навистина добро, одлично се браневме и постигнувавме голови според планот што го зацртавме. За жал, ја пропуштивме можноста да поведеме со три гола разлика и направивме премногу грешки потоа. И кога правите грешки против толку силен тим, тогаш ќе ја платите целата цена. Кажавме и претходно, Франција е една од најдобрите селекции во светот. Успеавме да се носиме со нив 20 минути и тоа е нешто на што можеме да се надградиме во иднина. Тие имаат толку многу решенија на клупата, толку многу искуство, што е тешко да се следат 60 минути“, изјави капитенот Никола Митревски.
Голманот на македонската репрезентација е одушевен од играњето пред 53 илјади гледачи на затворениот фудбалски стадион „Меркур шпил арена“ во Диселдорф:
„Тоа е чест и навистина се обидов максимално да уживам. Сосема е различно од она на што сме навикнати, бидејќи трибините се толку далеку од теренот. Но, ова е навистина нешто што ќе го паметам до крајот на мојата кариера“, изјави Митревски.






