Селекторот Кирил Лазаров не го криеше задоволството од победничкото збогување на ракометната репрезентација на Македонија од Европското првенство во Германија.
„Пред сè, сакам да им честитам на нашите момчиња за одличната борба во сите 60 минути. Одигравме екстра квалитетен натпревар, со голема борба, жар. Повеќе ја посакувавме победата од Швајцарија, која покажа на ова ЕП дека е многу квалитетна. Ги сведовме техничките грешки на 6-7 и навистина сум задоволен. Гледајќи колку еуфорично ги славиме победите и трагично ги поднесуваме поразите, искрено ми е мило за момчињата и за цела ракометна Македонија“, изјави Лазаров по победата над Швајцарија од 29:27.
„Не би се нарекол херој, тимот е херој. Игравме тимски и тимот ги извади поединците. На крајот заедно победивме. Пресреќен сум што, и покрај лошите настапи против Франција и Германија, покажавме како е да се игра во друго светло, со многу емоции. Потајно игравме за капитенот Митревски. Му посакувам брзо закрепнување. Најдовме начин да му се оддолжиме за сè што има направено за нас“, додаде голманот Мѐартин Томовски, еден од јунаците за македонскиот триумф.
„Среќен сум. Сакам да им честитам на соиграчите за борбеноста. Многу тежок натпревар. Се боревме сите 60 минути. Генерално сум задоволен, игравме со двете можеби најдобри селекции во светот. Целиме кон тоа да бидеме подобри, ги очекуваме следните предизвици“, беа првите впечатоци на десниот бек Томислав Јагуриноски.
„Знаевме дека ова е нашата шанса. Како и сите спортисти, се надевавме дека ќе ни се насмее среќата, поддржани од нашите навивачи. Живеевме 25 дена за ова и ја израдувавме Македонија. Ги намаливме грешките од првите два натпревара и заслужено победивме“, смета пивотменот Жарко Пешевски.






