Лавров: Запад станува страна во конфликтот во Украина

„Земјите од Запад стануваат страна во конфликтот во Украина. Особено е циничен односот на оние земји кои ја пумпаат Украина со оружје и воена опрема, обучувајќи го персоналот на вооружените сили на таа земја“, рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на седница на Советот за безбедност на Обединетите нации.



– Целта е очигледна, не ја кријат и ја објавуваат: да се прошират борбените операции што е можно повеќе, без разлика на жртви и уништувања, за да се подели и ослабне Русија.

Таквиот став укажува на директно вклучување на западните земји во украинскиот конфликт, ги прави учесници, изјави шефот на руската дипломатија.

Тој додаде дека „наместо да се обидат да побараат од раководството во Киев да ги спроведе договорите од Минск, и Берлин и Париз и Вашингтон цинично замижуваа пред отворените закани на Киев дека проблемот со Донбас ќе се реши со сила, таканаречениот план ’Б‘“.

Москва нема да дозволи Западот да ја користи Украина како отскочна даска за закани по безбедноста на Русија, рече Лавров.