Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се обрати на министерскиот совет на ОБСЕ и ги обвини останатите земји членки за лицемерие и непочитување на принципите на кои почива Организацијата.

Обраќајќи се на, како што рече, бриселската бирократија, Лавров тврдеше дека Европа има проблем со фактографијата и со објективноста и дека заклучоците што ќе се усвојуваат од ОБСЕ овие два дена – се подготвени однапред, односно дека не се резултат на политичкиот дијалог. Тој притоа го обвини ОБСЕ дека молчи кога се загрозува слободата на медиумите во западните земји и се врши врз нив репресија, а ја напаѓа за тоа Русија и дека во Организацијата константно се одбиваат барањата на Москва да се разговара за неонацистичките движења низ Европа и во Украина.
Тој ја обвини Украина дека сака да избрише сѐ што е руско во земјата, дека не признава постоење на руско малцинство, дека го забранува законски рускиот јазик и дека води „одвратна кампања“ против руската црква во земјата. И сето тоа, нагласи Лавров, не е по последната руска интервенција, туку почнало во 2014 година, веднаш по договорот за мир склучен со гаранција на Германија, Франција и Полска.
Со порака дека „неонацистите се добредојдени во ЕУ“, тој заклучи дека нема место за оптимизам и дека ОБСЕ станал говорник на западните земји, а потоа го напупти состанокот.





