Руското Министерство за надворешни работи потврди дека Бугарија, Македонија и Црна Гора не дале дозвола за прелетување на авионот на Сергеј Лавров кој требаше да отпатува во официјална посета на Србија.
„Тие извештаи се точни“, изјави за Интерфакс висок извор од руското Министерство за надворешни работи.
Агенцијата наведува дека на прашањето дали поради тоа е откажана посетата на Лавров на Србија, дипломатот истакнал:
„Нашата дипломатија сè уште не ја совладала способноста за телепортирање.
Оваа вест на Интерфакс ја пренесе и агенцијата Ројтерс, која наведува дека посетата на Лавров на Белград била откажана, откако овие три земји го затвориле воздушниот простор за летот на неговиот авион.
Рускиот амбасадор во Црна Гора Владислав Маслењиков потврди за РИА Новости дека на Лавров не му било дозволено да лета низ воздушниот простор на Црна Гора, наведувајќи дека Подгорица одбила да дозволи авион на руската влада да лета во воздушниот простор на таа земја.
Претходно, Радио Слободна Европа објави дека Министерството за надворешни работи во Скопје за тој медиум потврдило дека Македонија го одбила барањето на руската амбасада за користење на воздушниот простор на таа земја за летот на авионот на Лавров.
Посетата на шефот на руската дипломатија беше најавена од Москва, за денес и утре, 6 и 7 јуни.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, претходно изјави дека ситуацијата во врска со посетата на Лавров на Србија е крајно комплицирана.
„Неверојатно е дека денес ситуацијата во Европа и светот е таква што претседателот на една земја треба да се занимава со такви работи како патувачката логистика на министерот за надворешни работи на друга земја, од која зависи дали ќе дојде или не. – изјави Брнабиќ.







