Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги посочува последиците од пристапувањето на Македонија во Северноатлантската алијанса.
„Сега, кога Црна Гора стана членка на НАТО, а таму ја вовлекуваат и Македонија, сигурен сум дека таму ќе се појават и воени објекти. Тоа нема да му донесе радост никому. На исток повторно напредува воена инфраструктура. Тие ќе бидат принудени да трошат пари за да купат американско оружје. А во Европа нема да стане помирно“, изјави тој во интервју за рускиот весник „Московски комсомолец“.
„Кога Црна Гора и Македонија почнаа да ги вовлекуваат во НАТО, без пардон ја искористија ситуацијата со името на Македонија. Одржаа референдум, организиран со грубо прекршување на Уставот, кој во Македонија налага да се постави едно прашање, а тие поставија три: дали сакате да станете членка на Европска унија, членка на НАТО и дали сте подготвени заради тоа да го смените името на државата. Во принцип, се разбира, измамничко прашање“, додаде Лавров.
„Кога нè обвинија дека се обидуваме да му се спротивставиме на тој референдум, тоа било нечесно. Единствено на што обрнувавме внимание беше да се почитува Уставот на Македонија, според кој министрите немаа право да го потпишуваат Преспански договор. Тоа е работа на претседателот, а претседателот Ѓорге Иванов многу јасно ја изложи својата позиција против овој процес. Тој едноставно беше игнориран, со што грубо беше прекршен основниот закон на Македонија. Нашите западни колеги, меѓу кои и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, германската канцеларка Ангела Меркел, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, кои отпатуваа за Скопје, велеа дека таму треба да кажат ‘да, да, да’ на тој референдум“, нагласи шефот на руската дипломатија.




