Едно од прашањата што му беа поставени на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на денешната прес-конференција во Скопје беше и „каков е ставот на Русија за тврдењата на Бугарија за македонскиот идентитет?“.
„Не сум голем познавач на спецификите на македонско-бугарските односи. Можам да кажам дека македонскиот народ има целосно право да учествува „рамноправно“ во сите витални активности на нашиот континент.
Ако даваме генерална оценка, не само и не толку за македонско-бугарските односи, туку воопшто за проблемите што опстојуваат на Балканот, тогаш нивните корени лежат во акциите на Западот за уништување на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Во нејзините рамки живееја и коегзистираа Црногорци, Словенци, Хрвати, Срби, Македонци. Немаа никакви тешкотии за кои сега зборуваме.
Добро се сеќавам како Македонија со години ја нарекуваа поранешна југословенска Република Македонија (на англиски „FYROM“). Тоа е понижувачко. Сега ја смислија Северна Македонија. Сите разбираат за што зборуваме. Македонија не претендира на никаква земја, ниту во Грција, ниту на кое било друго место. Ние го знаеме ова. Но, Македонците сами одлучуваат.
Претседателот на македонското Собрание, Т. Џафери, пред неколку години гордо се фотографираше во неговиот кабинет, а на масата стоеше знамето на Албанија. Има проблем, сите го разбираат.
Нашите западни колеги охрабруваат некои ‘етнички групи’ на Балканот, но заземаат агресивна, диктаторска позиција кон другите, барајќи да се договорат ‘пред да биде предоцна’ и да се приклучат на санкциите против Русија. Во интерес на Западот беше да ја уништи Југославија. Не им треба таква обединувачка сила на Балканот. Тие секогаш сакале да ‘разигруваат’ една нација против друга таму. Тие продолжуваат да го прават тоа со успех. Но, јас сум убеден дека народите од балканските земји, во текот на нивната долга, тешка, но славна историја, сепак си развија генетски код и на крајот нема да дозволат да бидат навредени. Нема да дозволат нашите западни колеги постојано да ‘разигруваат’ една земја против друга, една нација против друга.
Погледнете што се случува во Босна. Се договорија трите државотворни народи да коегзистираат. Сега сакаат да ги уништат до темел. Можеме долго да разговараме на оваа тема, но се осмелувам да ве уверам дека имаме добри чувства кон македонскиот народ.
Бидејќи сум тука само два дена, ги гледам вашите граѓани на улица, во хотелот и ја чувствувам топлината што ја зрачат кон нас. Тоа е заемно“, одговори шефот на руската дипломатија.





