Лавина реакции од граѓаните откако функционерите „дебело“ се офајдија – платите си ги зголемија за над 1.000 евра

Лавина реакции од граѓаните откако функционерите „дебело“ се офајдија. Паричниците, согласно априлската плата, од сега им се „потешки“ за околу 1.000 евра по одлуката на уставниот суд. Најголемото покачување овој месец ќе имаат претседателот Стево Пендаровски, спикерот Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски.



Согласно новото зголемување, собранискиот спикер ќе биде политичарот со највисока плата во државава од 166.000 денари, по него шефот на државата кој ќе добие 1.500 денари повеќе. Платата на премиерот Димитар Ковачевски од овој месец ќе тежи 156.000 денари или над 2.500 евра.

И додека за фукнционерите има огромно покачување, за граѓаните речиси и да нема ништо. Бурно реагираат зашто, како што велат, едвај крпат крај со крај.

Дебело се офајдија и вицепремиерите, на чии сметки ќе легнат суми од 122.000 до 129.000 денари. Најблиските соработници на премиерот – вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска ќе зема околу 130.000 денари, на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи од околу 127.000 денари, додека првиот вицепремиер Артан Груби и министрите за надворешни работи и за одбрана, Бујар Османи и Славјанка Петровска имаат плата од 125.000 денари.

На сметките на пратениците, министрите, гувернерот на Народната банка, уставните судии, градоначалничката на Скопје, јавниот и народниот правобранител ќе „легне“ плата од над 120.000 денари.

Инаку, ваквото енормно зголемување на платите на функционерите во време на криза, предизвикува одгромен револт во јавноста. Иако Владата најави законски измени за намалување на коефициентите за пресметката на платите, од тоа барем засега нема ништо.