Новинарот Драган Павловиќ-Латас го прозва републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовевски, кој на прес конференцијата за „Рекет“ ја нападна судијката Марија Клетнички Марковски дека донела ослободителна пресуда во случајот „Тревник“ на СЈО поврзан со неговата и „дивоградбите“ на неговите браќа во скопско Зелениково.
Латас вели дека е спремен да биде осуден, ако има и еден случај за осуден за дивоградба во Македонија, а Јовевски да си даде оставка ако Латас му најде барем три случаи дека за вакво нешто не е покренато истрага.
„Јас, во оваа прилика, му нудам спогодба на Јовевски: Ако најде еден, само еден случај некој во Македонија да е осуден за дивоградба ако дивоградбата не ја констатирал надлежен инспектор, и ако градителот патем има дозвола за градба и имотен лист, јас пред Апелација ќе признаам вина и ќе прифатам пресуда. Но, ако јас најдам најмалку три Решенија на обвинителство дека за ова не се покренува истрага по службена должност туку само по Решение на надлежен инспектор, тој да даде оставка и да не чека смена на есен. И додека добијам одговор чекам што ќе преземе обвинителството по допрен глас, кога советникот Усеини гради и отвара пицерија во Охрид, дивоградба на државно земјиште и во заштитена зона на УНЕСКО. За жал, јас немам ни милион евра ни функција во ДУИ или СДСМ, вели Латас во колумна за порталот Весник .
„Тревник“ е еден од дури четирите случаи на СЈО на Катица Јанева кој имаше завршница и беше завршен со ослободителна пресуда.





