Лани речиси 500.000 македонски граѓани ја посетиле Грција

Анализата на Институтот на Здружението на грчки туристички бизниси (ИНСЕТЕ), покажува дека Македонија е на 11-то место меѓу 15 земји чии граѓани ја посетиле Грција во 2021 година, јави дописничката на МИА од Атина.



Првите 15 земји со најголем број посети и посетители на Грција се Германија, Велика Британија, Франција, Италија, Бугарија, Полска, Романија, Холандија, САД, Кипар, Македонија, Швајцарија, Австрија, Србија и Белгија.

Лани, бројот на посетители од Македонија бил речиси двојно помал (за 49,4 отсто) во споредба со 2019 година, односно 479.000 посетители лани, наспроти 948.000 пред три години.

Во 2019 имало 962.000 посети од нашата земја, наспроти 480.000 посети лани, а мнозинството посети се во северниот дел на Грција.

Намалениот број посетители од Македонија во текот на минатата година веројатно се должи на тоа што границите беа отворени на средината на мај и за патување потребен беше документ за Ковид-19, односно сертификат за вакцинација, потврда за прележана болест или негативен тест од ПЦР или рапид тест.

Согласно податоците и анализите, нашата земја е непроменета на 11-та позиција. Од земјите од регионот, пред нас е Бугарија, на петто место, а зад нас Србија на 14 место.

Топ три земји со најголем број посети и посетители се Германија, на првото место со 3.001.000 посетители, Велика Британија со 1.591.000 и Франција со 1.175.000 посетители.