„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска преку прес-конференција го покани премиерот Димитар Ковачевски на заедничка средба, за да се договори датумот за одржување предвремени парламентарни избори.“ – објави весникот на албански јазик „Лајм“.
„Лајм“ пишува: „Лидерот на македонската опозиција рече дека ова ќе биде најдобрата одлука за ‘атастрофалната ситуација во која се наоѓа земјата’. Тој му даде рок на Ковачевски да ја одржат средбата до 10 мај, во спротивно предупреди дека ‘ќе уследат сериозни дејства, што досега не се преземени“.
„Не сакам Ковачевски да брза. Нека размисли. Знам дека ќе го советуваат да одбие. Но, нека се посоветува со повеќе луѓе. Рокот е 10 мај – вторник. Ако ја одбие оваа понуда за средба, заради излез од националната катастрофа, што ја доживува Македонија, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи состанок и ќе уследат сериозни активности, кои не се преземени досега.’ – нагласи Мицкоски.“
„Претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, исто така, оцени дека излезот од кризата е можен само преку предвремени парламентарни избори.“
„Кога кризите се многубројни, кога имаме Влада која не е способна да се справува со тие кризи и наместо ова секој ден се случува нова криза, тогаш секако првата работа што треба да се случи е оваа Влада да си замине и да се создаде ново мнозинство, кое потоа ќе организира предвремени парламентарни избори. Само во оваа форма кризата постепено ќе почне да наоѓа решение’ – изјави Зијадин Села во саботата пред почетокот на седницата на Централното собрание на Алијансата на Албанците, што се одржа во Скопје.“





