„Лајм“: Груби со одговор на Мицкоски: Време е за решенија, а не за избори

“Првиот заменик – претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби му порача на шефот на македонската опозиција и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека на Македонија во моментов и треба решение, а не избори. Во интервју за весникот ‘Лајм’ Груби кажа дека ДУИ ја поддржува измената на Изборниот законик за поништување на техничката Влада и оти е подготвена да разговара за промена на изборниот модел. Но, тој вели дека овие измени треба да се направат со договор меѓу сите политички партии. Што се однесува до премиер – Албанец Груби истакна дека него не го загрозува ниту поништувањето на техничката Влада, ниту одржувањето предвремени парламентарни избори.“ – пишува весникот на албански јазик „Лајм“. Потоа весникот го објавува интервјуто со Артан Груби.



„Лајм’: Лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски предупреди дека ќе ги достави до Собранието измените на Изборниот законик за укинување на техничката Влада? Дали оваа иницијатива е прифатлива за ДУИ?“

„Артан Груби: Во разговорите кои ги имавме во за коалицијата со СДСМ по изборите на 15 јули 2020 година се договоривме да направиме измени во Законот за Влада и да ја укинеме техничката Влада, бидејќи е апсурдно земја -членка на НАТО и земја со ‘зелено светло’ за отворање на преговорите во ЕУ да има техничка Влада со дополнителни министри и дополнителни заменици – министри, со недоверба кон државните институции за спроведување на изборниот процес. Затоа се договоривме да го измениме Законот за Влада. Во тоа време и Мицкоски во јавните интервјуа на телевизија даде согласност дека ќе поддржи укинувањето на техничката Влада, така што верувам дека ваквите иницијативи треба да се прават на консензуален, заеднички и неедностран начин и да се поддржат во Собранието. Бидејќи, не и прилега на една земја во 2022 година да има недоверба во кредибилитетот на изборниот процес и во државните институции.“

„Лајм’: Значи, иницијативата за укинување на Владата не е неприфатлива за ДУИ, ако се прави со консензус?“

„Артан Груби: Тоа е дел од владината програма, дел од договорот меѓу СДСМ и ДУИ и тоа е нешто што Мицкоски го потврди пред изборите 2020. Не гледам ништо спорно во оваа насока.“

„Лајм’: Мицкоски бара предвремени избори и вели дека ќе ја поддржи иницијативата на помалите партии за изборен систем со изборна единица. Кој е ставот на ДУИ?“

„Артан Груби: Оценуваме дека не е време за предвремени избори, бидејќи се наоѓаме среде енергетска и здравствена криза со многу голем број заразени. Исто така, и во криза со иселениците, но и среде разговори со бугарската страна за решавање на билатералниот спор меѓу Скопје и Софија за отворање на преговорите со ЕУ. Значи на земјата не и требаат дополнителни кризи и не и требаат избори, туку и требаат решенија. Што се однесува до барањето за една изборна единица, отворени сме да разговараме за измена на Изборниот законик, но оваа измена мора да биде со согласност на сите партии, бидејќи ги одредува правилата на игра за сите политички партии во изборниот процес и треба да има широка усогласеност. Да ја најдеме вистинската формула, за да излеземе сите добитници  и да има согласност за промена на изборниот закон.“

„Лајм’: Секогаш кога се отвора темата за предвремени избори, или за поништување на техничката Влада, се отвора и темата за премиер – Албанец. Дали изборот на премиерот – Албанец се загрозува со предвремените избори, или со поништувањето на техничката Влада?“

„Артан Груби: Не, на ниеден начин. Ниту предвремени избори, ниту редовни избори. Ниту техничката, ниту политичката Влада не го загрозуваат договорот меѓу ДУИ, СДСМ и другите коалициски партнери за предложување премиер – Албанец во последните 100 дена. Ако се сеќавате на изјавите на поранешниот премиер Заев откако го постигнавме коалицискиот договор, тој рече дека ќе поднесе оставка во последните 100 дена како премиер, за да овозможи фер – натпревар на парламентарните избори, бидувајќи само претседател на СДСМ, а со цел да се овозможи потребно и рамноправно рамниште на натпреварот за сите политички партии. И потоа на негово место ДУИ, односно Али Ахмети ќе предложи еден кандидат за политички премиер, а не технички во последните 100 дена. Значи и со техничка Влада и без техничка Влада.“