Лажната вест односно манипулацијата од страна на бугарските официјални претставници е дека Бугарија воопшто не признава етнички малцинства.
Фактите кои ги претставува Инстититутот за комуникациски студии а пренесени на порталот „Само прашај“ сведочат дека Бугарија признава етнички малцинства, без оглед што тие не се наведени во нејзиниот устав, има и владино тело за етничките малцински прашања што го води вицепремиер, а негови членови се повеќе заменици министри, наведува експлицитно кои се традиционални етнички малцинства, има и посебни програми за реинтеграција на Ромите, за негувањето на нивната култура, во бугарските училишта се изучува и турскиот јазик, иако само како изборен предмет (не како наставен) во градовите каде што живеат етнички Турци. Ерменците, Евреите, Каракачаните имаат свои културни здруженија и асоцијации…
Националниот совет, исто така, има и обласни совети за соработка за етничките и интегративните прашања кои имаат своја улога и активност.
На последниот попис во 2021 г. како што известува веб-страницата за вести „Сега“ 1.143 лица се запишале како Македонци и уште 508.378 Турци, 266.720 Роми, 15.000 Помаци, 14.000 Руси, 11.000 Бугари мухамедани, 5.306 Ерменци, 3.239 Украинци, 2.894 Англичани, 2.071 Каракачани, 1.625 Грци, 1.153 Евреи, 1.129 Татари, 865 Италијанци, 824 Полјаци, 683 Романци.
Правата на прифатените и признати етнички малцинства во Бугарија се далеку од меѓународните стандарди, но факт е дека Бугарија единствено не признава и не прифаќа дека на нејзината територија постојат Македонци како одделен етнос. (Покрај Македонците, Бугарија не признава ниту Помаци, кои се со исламска вероисповед, но зборуваат бугарски јазик).
„Кои се тие Македонци во Бугарија, дајте ми пример…“, ќе одговори со прашање потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, при отворањето на контроверзниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола на 16 април 2022 г., на прашањето на новинарот на „Сакам да кажам“ кога Бугарија ќе дозволи Македонците таму да отворат свој клуб и македонски премиер да дојде на неговото отворање.
На ова ѝ одговорија Македонците од Бугарија, а веста ја објавија повеќе медуми, меѓу кои и „Макпрес“ во текст со наслов „Наместо во Битола и Охрид требаше да дојдеш во Мелник да не видиш“!
„Македонското и помашкото малцинство се официјално негирани и нивната самоопределба и активност се примаат како непријателски и предавнички активности“, вели Стојко Стојков од ОМО Илинден Пирин.
Овие две малцинства немаат никакви права според рамковната конвенција а им се негираат и базични права како тие на организирање, а повремено и на мирни собирања и се редовен објект на несанкциониран и неосудуван говор на омраза.
Нападите против македонските клубови, полицијата не ги истражува, а ниту медиумите соопштуваат за нив. Како што може да се види на сајтот на спомнатиот Национален совет меѓу сите опишани групи Македонците и Помаците ги нема наспроти тоа што тие се појавуваат на пописите и се разбира тие не се претставени во Националниот совет и ги нема во владините програми за развој“,се вели во одговорот Стојков.






