Еден косовски полицаец е убиен, а друг е повреден во пукање во село во северно Косово рано денеска, изјави премиерот Албин Курти.
„Во овој момент сè уште трае пукањето од огнено оружје од различен калибар (насочено) против нашата полиција“, напиша Курти во објавата на социјалната мрежа Фејсбук, опишувајќи го инцидентот како терористички чин.
„Напаѓачите се професионалци кои носат маски и се тешко вооружени“, додаде тој.
Косовската претседателка, Вјоса Османи изјави дека денешниот напад врз косовската полиција во северно Косово, во кој е припадник на полицијата е убиен, а уште еден е ранет, е „испланиран, оркестриран и изведен од српските криминални банди“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Кабинетот на Османи соопшти дека, по инцидентот што се случи рано утрово во селото Бањско во Лепосавиќ, таа ги прекинала сите активности во Њујорк, каде што престојува во официјална посета, и веднаш ќе се врати во земјата.
„Убиството на полицаец и ранувањето на друг полицаец на северот на Косово, планирано, оркестрирано и изведено од српските криминални банди, е напад врз законот и редот на северот на земјата, тоа е напад врз Косово“, се цитира Османи во соопштението.
Таа вели дека овие напади ја докажуваат дестабилизирачката моќ на криминалните банди, организирани од Србија.






