Курти се сретна со Мицотакис и побара Грција да го признае Косово

Косовскиот премиер Албин Курти се сретна во Атина со својот грчки колега Кирјакос Мицотакис и од него побара Грција да им се придружи на земјите што го признаа Косово, соопшти Владата во Приштина.



Курти му се заблагодарил на Мицотакис за „конструктивниот однос“ кон Косово, кој, како што се вели во соопштението, „Грција го покажа последниве месеци, посебно давајќи поддршка за либерализација на визниот режим за косовските граѓани и со залагањето за членство на Косово во меѓународните организации“.

Премиерот на Косово на средбата рекол дека Атина и Приштина мораат да ги зајакнат меѓусебните односи поради „долгата заедничка историја, заедничката цел за мир и безбедност на Балканот и заедничката иднина“.

Мицотакис, според соопштението на Приштина, ја потврдил посветеноста на Грција за понатамошната промоција и јакнењето на соработката меѓу двете земји „во рамките на промоцијата на европската перспектива на Западен Балкан“.