Курти сака да владее и со Македонија, обвини Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ го обвини косовскиот премиер Албин Курти дека се меша во внатрешните работи на Македонија, со која сака да владее, според него.



„Тој сака да владее и со Северна Македонија. Да, сериозно, тој сака да ги порази Али Ахмети и ДУИ за да владее со Македонија по изборите во мај“, им рече Вучиќ на српските новинари во Њујорк на маргините на седницата на Обединетите нации свикана на барање на Србија поради исфрлувањето на српскиот динар од платниот промет во Косово.

Претседателот на Србија, очигледно, мисли на партијата на Курти, Самоопределување, која не ја крие поддршката за опозицијата во политичкиот блок на Албанците во Македонија, а против владеачката ДУИ на Ахмети.