Курти: Постои опасност од војна меѓу Србија и Косово

По повод неодамнешните инциденти во северно Косово, каде живее српско малцинство, премиерот на најмладата балканска земја, Албин Курти изјави дека постои опасност од нов конфликт меѓу Косово и Србија.



Во интервју за италијанскиот весник „Ла Република“, пренесено од косовски медиуми, Курти изјави дека имајќи предвид дека зад Србија стои рускиот претседател Владимир Путин, опасноста од нов конфликт и понатаму е голема.

„Постои ризик од војна. Путин стои зад Србија. Не би рекол дека ризикот е многу висок затоа што имаме контингент на НАТО овде, но секако е висок. Ние сме демократија која има автократија на својата граница, вели Курти.

Според неговите зборови, пред руската агресија врз Украина, можностите за нов конфликт на Западен Балкан биле мали, но „сега ситуацијата е променета“.

„Првата епизода, која е последица на фашистичката идеја на панславизмот, беше Украина. Ако имаме втора епизода, на пример во Придњестровје, тогаш можностите за нова, трета војна на Западен Балкан, особено во Косово, ќе биде многу висока“, рече Курти.

Во врска со протестите во северно Косово против неговите најавени владини мерки за замена на српските регистарски таблички на автомобилите со косовски, како и за замена на српските лични документи со оние издадени од властите во Приштина – мерки кои Курти ги нарече „реципрочни“, косовскиот премиер изјави дека тие не биле спонтани, туку организирани од Белград, со помош на Русија.

„Србите имаат околу 48 оперативни бази околу Косово, 28 воени и 20 жандармерија. Протестите не беа спонтани, тие беа организирани од Белград со поддршка на Русија“, рече Курти.