Косовскиот премиер изјави дека се потребни нови избори во четири општини на северот на Косово бидејќи излезноста била слаба и додаде дека разбира оти легитимитетот е нецелосен.
„Мораме да најдеме законско решение, а не да работиме надвор од законот. Можна е граѓанска петиција во која ќе им биде прекинат мандатот на градоначалниците на тие општини. Јас сум подготвен да помогнам во тоа, но не можеме да одиме со диктат против градоначалниците и со незаконски решенија, тоа би создало дополнителен проблем“, изјави косовскиот премиер за новинарите во Брисел.
Тој тврди дека полициските акции на северот на Косово се „реакции на разни насилни екстремисти“, и дека тоа не се полициски акции, туку реакции.
„Криминални групи ги напаѓаат КФОР, полицијата, новинарите. Прво треба да се ослободиме од криминалните елементи, а потоа ветивме дека ќе се намали присуството на нашата полиција во општинските згради“, додаде Курти.
Тој рече дека нормализацијата на односите треба да се случи преку имплементација на Основниот договор.
„Мојот впечаток е дека Србија кажа „да“ за договорот, а сега се кае и сака да го попречи спроведувањето. Треба што поскоро да го спроведеме договорот и дека Косово има нормални односи со Србија. ЕУ, Брисел, се местото каде што треба да ги решаваме проблемите, но затоа ви треба повеќе енергија, инсистирање и сериозност“, рече Курти.






