Курти: Македонија да биде поблиску до Косово, Албанија и Бугарија, а подалеку од Србија, заради членството во ЕУ и безбедноста на Западниот Балкан!

„Косовскиот премиер Албин Курти упати од Тетово јасна порака до раководството на * Македонија да остане колку е можно поблиску до Косово, Албанија и Бугарија и колку е можно подалеку од Србија.“ – јави ТВ 21.



ТВ 21 пишува: „Како што рече Курти, ваквиот пристап ќе им обезбеди на * Македонија најбрзо можно членство во Европската Унија и безбедност на Западниот Балкан.“

„Колку поблиску * Македонија до Косово, Албанија и Бугарија, а колку подалеку од Србија, која не се дистанцира ниту од Милошевиќ, ниту од Путин, толку поблиску ќе биде до зачленувањето во ЕУ и толку ќе биде побезбеден нашиот Балкански регион. Мора да ѝ помогнеме и за ова на * Македонија и да ја поддржиме.“ – рече косовскиот премиер Албин Курти.“

Како што извести информативната агенција на албански јазик Илирија – ИНА, претходно при инаугурацијата на преименуваната улица „Адем Демаќи“ во скопски Чаир, која до вчера носеше име „Втора македонска ударна бригада“, Курти изјави и дека „во Македонија сè уште има улици и училишта, што го носат името ‘Тито“. Тој практично ѝ сугерираше на Македонија да има и нови преименувања секаде кај што стои името на Тито. Претседателот на Владата на Косово објасни зошто не му се „допаѓа“ името на поранешниот југословенски маршал: оти Демаќи своевремено бил апсен и поради посета на Тито на Скопје.  

ИНА ја цитира изјавата на Курти во овој контекст: „На 22 август 1963 година во Скопје, погодено од земјотресот, дојдоа заедно да го посетат двајцата диктаторски водачи, Јосип Броз Тито од поранешна Југославија и Никита Хрушчов од Советскиот Сојуз. Но, како дел од подготовките за нивната посета, од страв дека таа може да се наруши, репресивниот државен апарат на тогашните југословенски власти, предводен од Александар Ранковиќ, однапред се погрижи да го затвори Адем Демаќи. Угнетувачите и негаторите на слободата не можеа слободно да маршираат во земјата, во која слободата беше синоним за името на Адем Демаќи. Шеесет години подоцна, во Македонија се уште постои училиште по име ‘Јосип Броз Тито’!“