Поранешниот премиер на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Фадил Новалиќ, ќе мора да оди во затвор бидејќи апелациониот совет на Судот на Босна и Херцеговина ја потврди пресудата со која тој и уште две лица се прогласени за виновни за злоупотреби при набавката на респиратори за време на пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Тие набавувале респиратори по цена од 53.700 евра додека најскапите биле 35.000…
Оваа информација за медиумите во Босна и Херцеговина ја потврди и самиот Новалиќ, иако државниот суд се уште официјално ја нема објавено конечната пресуда.
„Точно е, официјално не ја добивме пресудата, но ме известија дека пресудата е потврдена. Сега пресудата ќе биде извршена. Да, одам во затвор“, рече Новалиќ.
Според пресудата, која сега стана правосилна, Новалиќ е осуден на четири години затвор, поранешниот директор на Управата за цивилна заштита на Федерацијата Босна и Херцеговина Фахрудин Солак е осуден на шест години затвор, а Фикрет Хоџиќ , сопственикот на фирмата „Сребрена малина“ преку која се набавени спорните респиратори, во затвор ќе треба да помине пет години.
Дополнително, неговата компанија мора да врати во буџетот околу 360.000 евра незаконски профит и да плати уште 100.000 евра казни.
. Новалиќ беше осуден за злоупотреба на положбата и овластувањата, додека Солак исто така беше осуден за фалсификување и уништување службени документи.






